Самата објава ја потврдува мојата поента од трибината дека институциите станаа заложници на родовите идеолози. Патот на тие идеолози беше истрасиран од Вашата претходничка, Мила Царовска, која успеа да издејствува да навлезат во сите пори на државата, и како резултат сега имаме креирање на законски решенија исклучиво од страна на активисти, без да се слушне волјата на мнозинството од народот. Следствено, се чини дека Министерството потфрлува во приоритетот за унапредување на правата на сите граѓани, реагира викарен епископот г. Јаков Стобиски после вчерашното соопштение од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
Отецот прашува дали на јавните организирани дебати имало спротивставени страни, „од кои едните не се согласуваат со донесувањето на законот за родова еднаквост, или тие „дебати“ во суштина беа еднострани монолози?“
-Се обидовте ли воопшто да поканите лица и организации кои застапуваат една поразлична перспектива, со цел Вие како сериозен и одговорен раководител на Министерството да донесете правилна одлука, откако ќе го ислушате и двете страни?
После ваква изјава, редно е да го тргнете Вашиот дискурс „се залагаме за правата на жените“ настрана и да бидете транспарентни со народот дека според Вас, жените можат да имаат машки гениталии и мажите можат да раѓаат. Верувам дека како политичар веќе Ви е познато од искуството на западниот свет дека со вакво игнорирање на биолошките разлики меѓу двата пола, директно и бескруполозно се нарушуваат човековите права на жените, кои претставуваат 50% од населението во државата.
Сексуалното образование во училиштата е предмет на дискусија во која треба активно да учествуваат родителите и за истото да се воведе мора да издејствувате широк општествен консензус. Во спротивно, секое наметнување е директен атак на слободата и уставно гарантираното право на родителите да одлучуваат како да ги воспитуваат и образоваат своите деца. Од прирачниците, кои се јавно достапни, досега можевме да видиме дека им се сугерира на децата дека можат да започнат со сексуални односи на која било возраст и можат да експериментираат со сексуални партнери, па затоа има потреба да се тестираат од сексуално преносливи болести. Оваа воопшто не спаѓа во категоријата „одговорно однесување“, кое вие тврдите дека ќе биде плод на сеопфатното сексуално образование.
За крај, обидите да ми се забрани да изнесам свои ставови, поткрепени со докази и манипулативно да се оцрнува мојот лик од страна на активистите коишто Ви го срочиле текстот, претставува дискриминација на верска основа и цензура на слободниот говор, кој мене, а и на сите граѓани на Македонија, ни е гарантиран со Уставот. Се надевам ќе се сложиме дека една сериозна владина институција не смее да си дозволи такво нешто во земја каде што владее демократијата, стои во реакцијата на епископот Јаков Стобиски.
Министерството за труд и социјална политика (МТСП) упати реакција откако викендов се одржа трибина „Зошто ‘НЕ’ за сексуалното образование во училиштата“, во организација на Елеуса Фондацијата.
Оттаму реагираат дека изнесените ставови на трибината, односно дефинициите и поимите, кои се во дискурсот на родовата еднаквост се погрешно интерпретирани, користејќи реторика која е спротивна на основните принципи за човекови права врз кои се заснова Предлог Законот за родова еднаквост.
-Целта на законот е да се обезбеди остварување на потполна родовата еднаквост, преку зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење за целосно надминување на пречките и создавање услови за остварување на потенцијалите на сите луѓе, без разлика на полот, родот и родовиот идентитет, се вели во реакцијата.