Американскиот технолошки гигант „Епл“ очекува дополнителни трошоци од околу 900 милиони долари во вториот квартал од годината, како резултат на новите царини што ги најави американскиот претседател Доналд Трамп. Ова го соопшти извршниот директор на компанијата, Тим Кук.
Со цел да го ублажи влијанието од царинските давачки, „Епл“ ги пренасочува своите пратки и активно бара алтернативи за преместување на дел од производството од Кина во други земји. Според најавите, новите царини на САД би се однесувале на увоз од Кина, со стапка до 145 проценти. Како одговор, Пекинг воведе царина од 125 проценти на американската стока и го ограничи извозот на важни технолошки минерали.
И покрај трговските тензии, двете страни сигнализираа подготвеност за започнување преговори со цел прилагодување на трговските услови. „Епл“ веќе презема чекори за диверзификација на своето производство. Половина од iPhone уредите наменети за американскиот пазар веќе се произведуваат во Индија, а според Кук, тоа ќе продолжи да расте. Компанијата, исто така, планира да ги испорачува речиси сите iPad, Mac и Apple Watch уреди во САД од фабрики во Виетнам.
Потегот за префрлање на производството започна уште за време на пандемијата, кога ограничувањата во Кина открија сериозни слабости во глобалниот синџир на снабдување на „Епл“. Иако голем дел од уредите сè уште се склопуваат во Кина, компанијата активно работи на зголемување на продукцијата во други држави.
На прашањето дали новите тарифи ќе доведат до повисоки цени за потрошувачите, Кук изјави дека „Епл“ ќе продолжи со оптимизација на синџирот на снабдување и управување со залихите, со цел да го намали товарот врз купувачите. Во вториот фискален квартал, кој заврши во март, приходите на „Епл“ пораснаа за пет проценти, достигнувајќи 95,4 милијарди долари. Овој раст, според аналитичарите, делумно се должи на зголемените нарачки пред стапувањето на сила на новите царини.
Кук не даде конкретни прогнози за остатокот од деловната година, наведувајќи: „Не сум сигурен што ќе се случи со царините.“