Најважните честитки што ги доби претседателот на Самоопределување, Албин Курти по победата на изборите на 14 февруари, беа од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
И, додека од една страна Нетанјаху му честиташе на Курти со покана да присуствува на отворањето на косовска амбасада во Ерусалим, од друга страна, претседателот на Турција истакна дека ги поздравува ставовите на партијата предводена од Курти дека ќе ја разгледа одлуката за формирање амбасада во Ерусалим, според „Газета експрес“.
Во писмото со честитки за убедливата победа на изборите, Ердоган му рекол на Курти дека би било корисно избегнување на ваков чекор, пишува приштинскиот весник.
Официјални лица од движењето „Самоопределување“ објавија дека ќе ја разгледаат одлуката на Приштина да формира амбасада во Ерусалим и поради барањата на ЕУ на патот кон интеграцијата, рече Глаук Коњуфца од тоа движење.
Во исто време, Хаки Абази од „Самоопределување“ го советува Курти дека треба да се реши проблемот создаден непотребно од претходната влада и прашањето за отворањето на амбасадата во Ерусалим треба да биде во договор со Брисел и Израел.
Приштинскиот весник исто така потсетува дека ЕУ остро ја критикувала одлуката на Приштина да отвори амбасада во Ерусалим.