ЕРДОГАН ФОРМИРА ЛИЧНА МИЛИЦИЈА: 21.000 лојалисти ќе бидат негова продолжена рака во вршењето репресија

од Vladimir Zorba
273 прегледи

Ноќта меѓу среда и четврток турскиот парламент го одобри контроверзниот закон во кој им се дава на припадниците на цивилната гарда скоро исти овластувања како и на полициските сили.

Законот беше донесен со поддршка од владејачката партија на претседателот Реџеп Таип Ердоган и нејзините националистички сојузници, и покрај загриженоста на опозициските партии дека законот ќе даде овластувања на недоволно квалификувани сили, што може да доведе до кршење на човековите права и „понатамошно ерозирање на слободите“.

Законот беше одобрен по денови на интензивна дебата, што кулминираше со насилство во вторникот, кога опозицискиот пратеник рече дека бил удрен од пратеник на националистичката партијата.

Според лидерите на опозицијата, Ердоган сака да го искористи контроверзниот закон за да создаде лична паралелна сила за спроведување на законот, која ќе биде составена од неговите лојалисти.

Граѓанските чувари, познати како „бекчи“, традиционално ги чуваа областите и парковите, вооружени само со палки. Силите беа укинати и споени со полицијата во 2008 година, но тие беа повторно воспоставени од Ердоган по неуспешниот обид за пуч во 2016 година.

Членовите беа облечени во јакни со натпис „бекчи“ и униформи, налик полициските. Во Турција, тие честопати се исмеваат за нивната неефикасност, бидејќи нивните должности главно се сведоа на патролирање на улиците со палки и предупредување на граѓаните за ситни прекршоци.

Сепак, според новиот закон, повеќе од 21.000 цивилни чувари, сега вклучително и жени, ќе можат да користат огнено оружје, да запираат возила, да проверуваат лични карти, да пребаруваат луѓе, да приведуваат осомничени и да ги одведат во полициската станица.

Критичарите велат дека давањето моќ на цивилните чувари да го спроведуваат законот е противуставно и се плашат дека регрутите, чија обука трае 60 дена, ќе ја злоупотребат нивната моќ. Многумина стравуваат дека чуварите ќе бидат продолжената рака на Ердоган во руралните области, кои се жаришта на конфликтот меѓу етничките Турци и Курди.

Најголемата опозициска Републиканска народна партија и двете други опозициски партии гласаа против законот, тврдејќи дека тоа е обид на владата да формира лојални милиции.

Тие изразија загриженост дека силите ќе дејствуваат како „морална полиција“ во согласност со конзервативните и верските вредности на владата и ќе се мешаат во приватниот живот на луѓето.

Покрај загриженоста дека владата се обидува да создаде полициска држава, постои и фактот дека „бекчи“ не се доволно квалификувани за овластувањата што им се дадени. Инциденти честопати се случувале во минатото, како на пример видео кое се појави во февруари во кое неколку чувари малтретирале маж кој не им дозволувал да го претресат.

Опозициските партии исто така ја критикуваа владата што во овие моменти им дава приоритет на безбедносните сили, наместо да се фокусираат на невработеноста и другите негативни последици од пандемијата на коронавирусот.