Рускиот претседател Владимир Путин вчера го посети Техеран, каде што се сретна со иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Тој разговараше со Ердоган за договорот со кој ќе се врати црноморскиот извоз на жито од Украина, кој во моментов е блокиран од Русија.
Сепак, на снимката направена пред средбата се гледа како Ердоган го оставил Путин да чека во соба полна со новинари. Путин влезе во собата очекувајќи го претстојното доаѓање на турскиот претседател, а наместо тоа се најде опкружен со новинари, без турскиот колега никаде на повидок.
Кога виде дека Ердоган не доаѓа, почна да се нервира, да ја префрла тежината од нога на нога и да прави гримаси. Целата работа траеше речиси една минута, додека конечно не се појави Ердоган. Веднаш штом пристигна, Ердоган му се насмевна на Путин, му подаде рака и заедно со него позираше пред камерите.
Erdogan gives Putin a little taste of his own medicine pic.twitter.com/hY8RNuJRek
— Alec Luhn (@ASLuhn) July 19, 2022
Путин го прави истото на другите светски лидери
Ова беше нов и непознат терен за Путин, кој вообичаено е тој кој ги остава светските лидери да го чекаат. Всушност, понекогаш го чекаат со часови.
„Гардијан“ пишува дека тоа што го направи Ердоган може да биде одмазда за средбата во Москва во 2020 година. Ердоган тогаш чекаше толку долго за да влезе на средбата со Путин што на крајот реши да седне во просторијата каде што беше. Турските медиуми тогаш пишуваа дека Ердоган и неговата придружба биле понижени додека ја чекале средбата.
Ердоган не е единствениот светски лидер кој го чекаше Путин. Во 2015 година доцнеше еден час на средбата со папата Франциск во Ватикан. Во 2018 година Доналд Трамп го чекаше во Хелсинки 45 минути. „Радио Слободна Европа“ напиша дека Ангела Меркел го чекала четири часа и 15 минути во 2014 година.
Средбата со Ердоган беше прва лична средба на Путин со некој од лидерите на земјите-членки на НАТО откако руските војници ја нападнаа Украина. Тој ги оцени трилатералните разговори во Техеран како корисни и ги покани двајцата претседатели да ја посетат Русија.