Турција е една од првите земји која што ја призна независноста на Македонија и наш соработник во НАТО. Ние сме две пријателски земји кои директно влијаат во зачувување на мирот на Балканот. Над 30 години нашите односи се јаки како што е јак и Камениот мост во Скопје, рече денеска премиерот на Турција, Реџеп Таип Ердоган на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Истанбул.
Средбата меѓу двајцата државници е по повод потпишаната Заедничка политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција.
Ердоган порача дека Балканот не треба да се гледа како место за конкуренција помеѓу народите туку напротив треба да биде поле за заедничка соработка и развој. Она што ги врзува двете земји е, додаде претседателот, Турците и нивната заедница која живее во Македонија.
-Тие порано од Анадолија мигрирале и дошле во Македонија и формирале свои културни темели кои што не врзуваат заедно. Затоа мислам дека господинот Мицкоски ќе обрне особено внимание за овие соодноси со турската заедница. Ова наше пријателство е под притисок на ФЕТО и оттаму мораме да се бориме заеднички против нив, кажа турскиот премиер, додавајќи дека заедно со „пријателот Мицкоски“ разговарале и за неколкуте воени жаришта во светот.
-Говоревме за Украина, Газа и за регионалните и универзалните стратешки проблеми. Разменивме одредени мислења. За нас клучно е во Украина да се формира разговор и по мировен пат да се реши проблемот. За Палестина имаме заедничко мислење да се формираат две држави, рече меѓу другото Ердоган.