Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа изјави дека западните амбасадори кои требало да бидат протерани од Турција отстапиле од првичните намери и ги повика да бидат повнимателни во идните изјави, пренесе Ројтерс.
„Веруваме дека овие амбасадори, кои ја изразија својата посветеност на членот 41 од Виенската конвенција, ќе бидат многу повнимателни во своите коментари во иднина“, рече Ердоган во телевизиско обраќање по тричасовната владина седница во Анкара.
Ердоган во текот на викендот изјави дека наредил амбасадорите на 10 западни земји да бидат прогласени за „персона нон грата“ поради тоа што повикале на ослободување на бизнисменот Осман Кавала, кој беше приведен пред четири години под обвинение за финансирање протести и вмешаност во обидот за државен удар во Турција во 2016 година.
Соединетите Американски Држави и другите амбасади вчера соопштија дека се придржуваат до дипломатската конвенција која не се меша во внатрешните работи на земјата домаќин.