
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган прокоментира дека земјата не може да отстапи од договорот со Москва за купување на руски системи за противракетна одбрана С-400, пренесува „Ројтерс“.
По утринските молитви, Ердоган објасни дека предлогот на САД да им продаде на Турција ракети „Патриот“ не е толку добар, како рускиот предлог.
„Има конкретни чекори, кои ги презедовме, има договор и ние сме ангажирани со него. Не подлежи на коментар, нема да направиме чекор назад“, објасни Ердоган за договорот со Москва.
Зделката на Турција за купување на рускиот С-400, кој може да биде доставен во рок од неколку недели, го растревожи Вашингтон и другите западни сојузници на НАТО, кои тврдат дека системот е некомпатибилен со одбранбената мрежа на НАТО и претставува закана за американските борбени авиони Ф-35, кои Турција исто планира да ги купи.
Ердоган коментираше дека Турција предложила да формира групи со Соединетите Американски Држави да работат заедно на ова прашање, без да каже што велат Вашингтон. Тој, исто така, додаде дека Турција, исто така, разговарала за американскиот предлог за продажба на ракети „Патриот“.
„За жал, сепак, американската страна не ни даде понуда добра како за C-400″, додаде тој.
Во исто време, американскиот Стејт департмент воведе санкции против два руски бизниси и центар за обука. Според РБК, санкциите се против ракетите „Панцир-C“ и „C-400“.