Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган конечно објаснил зошто неговата земја дванаесет години не испраќа свои претставници на музичкиот фестивал „Евросонг“ што годинава се одржа во шведскиот град Малме.
– Невозможно е да сретнеш нормална личност на тие натпреварувања. Тој музички настан поттикнува родова неутрализација и ги загрозува традиционалните семејни вредности, објаснил Ердоган по првата владина седница што се одржала по музичкото натпреварување.
На овогодинешниот избор за песна на Евровизија победи Швајцарецот Немо, кој, како што призна, трага по својот идентитет.
-Последниот „Евросонг“ уште еднаш потврди дека нашата влада беше во право кога одлучи Турција повеќе да не учествува, истакнал Ердоган.
Тоа е една од низата мерки што ги презел Ердоган со цел, смета тој, да го заштити традиционалното семејство. Статистички гледано, бројот на деца што една Турчинка раѓа сега е 1,7, додека на почетокот на векот бил 2,4.
-Едно дете значи осаменост, две значи ривалство, три рамнотежа, а четири богатство, потенцирал Ердоган, кој според овој критериум е богат човек бидејќи има два сина и две ќерки.
Хомосексуалноста не е официјално забранета во Турција, но во последните години на членовите на ЛГБТ популацијата не им беше дозволено да одржат парада на гордоста на плоштадот Таксим во центарот на Истанбул, поради безбедносни причини. Според турските власти, тоа провоцирало некои граѓани и повремено доведувало до физички пресметки меѓу поддржувачите на геј парадите и нивните противници.
– Под изговор за заштита на семејните вредности, на ЛГБТ лицата им се ускратува правото на слободен живот, тврдат борците за човекови права.
Во 2021 година, Турција се повлече од Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на жените и семејството, која своевремено беше усвоена на состанок во Истанбул. Тој потег беше повлечен под изговор дека давањето повеќе права на жените ги загрозува традиционалните семејни вредности и поттикнува неморал.
-Владата усвои домашни закони кои ги штитат жените и семејството и повеќе не им требаат меѓународни конвенции, уверена е Анкара. Тоа предизвика критики во ЕУ, ОН, како и во групите кои се борат за правата на жените, пренесува „Политика“.