Тестирањето на балистичка ракета на Турција ја „плаши“ Атина, изјави во неделата турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, тврдејќи дека Анкара нема да седи со скрстени раце доколку Грција продолжи да ги вооружува островите во Егејското Море.
– Сега почнавме да произведуваме наши ракети. Се разбира, оваа продукција ја плаши Грција – рече Ердоган во говорот во турскиот град Самсун.
– Ако се обидете да купите нешто (да се вооружите) од Америка или од други, земја како Турција нема да биде само нем набљудувач. Мора нешто да направи – рече Ердоган.
Во октомври Турција тестираше балистичка ракета со краток дострел „Тајфун“ од домашно производство над Црното Море. Ракетата може да погоди цел на растојание од 561 километар за 456 секунди.
Осврнувајќи се на друг сојузник во НАТО, Ердоган ги критикуваше Соединетите Држави за поддршка и давање оружје за терористичките организации во северна Сирија.
– Америка испраќа 4.000 – 5.000 камиони оружје и муниција во северна Сирија. Иако постојано им го кажував тоа, тие не ги интересира – рече Ердоган и додаде:
– Ние сме со вас во НАТО. Иако сме заедно, вие ни правите лоши работи и сте на страната на терористичка организација… Ќе се извлечеме со сопствени капацитети – рече турскиот претседател.