Ердоган: Порано или подоцна ќе ја намалиме инфлацијата

од Vladimir Zorba
318 прегледи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека веќе ја намалил инфлацијата на околу четири отсто во Турција, велејќи дека тоа ќе го стори повторно наскоро, додека годишните цени се зголемуваат за повеќе од 21 отсто благодарение на неговиот притисок да ги намали каматните стапки, што предизвика лирата да колабира.

Ердоган тврди дека новата политика заснована на ниски каматни стапки е дел од успешната „војна за економска независност“, но повеќето економски експерти потегот го нарекуваат луд, па предвидуваат инфлација од над 30 отсто следната година.

Лирата достигна рекордно ниско ниво од речиси 17 лири за еден американски долар во петокот, откако беа изразени стравувањата од инфлациска спирала. Како што стојат работите, лирата годинава изгуби 55 отсто од вредноста, а 37 отсто од таа вредност во последните 30 дена.

На состанокот со млади од Африка емитуван во неделата, Ердоган го повтори својот неортодоксен став дека каматните стапки предизвикуваат пораст на цените, додавајќи дека се надева оти инфлацијата наскоро ќе падне.

„Порано или подоцна ќе ја намалиме инфлацијата како што направив кога дојдов на власт. Нема да дозволам моите граѓани, мојот народ да бидат скршени под каматните стапки“, рече Ердоган.

Инфлацијата во Турција падна на четири отсто во 2011 година, пред постепено да се зголеми од 2017 година. Во ноември таа се зголеми за 3,5%, на 21,3% годишно.

Многу Турци сметаат дека зголемувањето на минималната плата за 50% нема да биде доволно. Исто така, се очекува дека зголемувањето може да доведе до инфлација на потрошувачките цени од 3,5 до 10 проценти.