Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, најави дека првиот турски електричен автомобил ќе се најде на патиштата во првиот квартал од следната година. Тој изрази надеж дека првиот турски електричен автомобил TOGG ќе биде на патиштата во многу земји во светот како престижен турски бренд, јави „Анадолија“.
Во саботата, во провинцијата Бурса, Ердоган присуствуваше на церемонијата на отворање на комплексот за масовно производство на турскиот електричен автомобил TOGG.
Свечената церемонија се одржа на националниот празник Ден на Републиката, кој Турција го слави на 29 октомври, пренесува „Танјуг“.
„TOGG е името на проектот што не мотивира сите нас да уживаме во овој заеднички сон за силна иднина на нашата земја“, рече Ердоган.
Како што неодамна беше најавено, целосно електричниот C-SUV модел на TOGG, кој ќе биде подложен на тестови за хомологација кои ќе траат околу пет месеци, треба да пристигне во салоните во март 2023 година.
По овој теренец, во 2025 година на купувачите ќе им биде понуден целосно електричен седан во сегментот C. Потоа следат компактниот хечбек, B-SUV и C-MPV, кои ќе го комплетираат асортиманот на возила на компанијата TOGG.
Овие пет електрични модели ќе ја користат истата механичка платформа, а TOGG има за цел да достигне производствен капацитет од 175.000 единици годишно и да пласира вкупно 1.000.000 возила до 2030 година.