Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека Соединетите Американски Држави (САД) ги користат терористичките организации на Блискиот Исток за да му обезбедат безбедност на Израел.
– Добро познат факт е дека САД ги користат терористичките организации во регионот за свои интереси, но и за безбедноста на Израел, рече Ердоган во обраќањето пред новинарите во претседателскиот авион при неговото враќање од Русија по самитот на БРИКС.
Тој, исто така, додаде дека „Турција започна иницијатива во рамките на Обединетите нации (ОН) за воведување сеопфатно ембарго за оружје на Израел“, бидејќи „засилените израелски напади врз Газа и Либан продолжуваат да одземаат стотици човечки животи секој ден“.
Ердоган рече дека расте бројот на земји кои го поддржуваат апелот на официјална Анкара за ембарго за испорака на оружје во Израел и додаде: „Се надеваме дека ќе успееме во тоа како Алијанса на човештвото и ќе ја отвориме вратата за траен мир“.