Ердоган: Шведска и Финска во НАТО кога ќе исполнат договореното

од Nikola Popovski
269 прегледи

Времето на процесот на турска ратификација на приемот на Финска и Шведска во НАТО зависи исклучиво од постапките на двете северни земји, изјави денеска претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган.

„Темпото и динамиката на процесот на ратификација на меморандумот меѓу Турција, Шведска и Финска ќе бидат одредени од чекорите што ќе ги преземат овие земји“, рече Ердоган, јави „Анадолија“.

Ердоган денеска на оваа тема разговараше со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е во посета на Турција, пренесе Интерфакс.

Тие разговараа и за ситуацијата во Украина.

Ердоган најави потреба од обновување на преговорите меѓу Русија и Украина со цел што поскоро да се стави крај на конфликтот.

Претседателот на Турција рече и дека Турција ќе се фокусира на продолжување на договорот за жито што истекува на 19 ноември, а кој овозможува извоз на украинско жито преку Црното Море.

Столтенберг вчера по средбата со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека Финска и Шведска ги исполниле условите на Анкара за влез во НАТО.

Сепак, Чавушоглу ситуацијата ја оцени поинаку.

„Не се спроведени сите компоненти на договорот“, рече тој. Истовремено, тој посочи дека властите на двете земји навистина презеле некои неопходни мерки, што Анкара ги поздравува.

Во моментов, Турција и Унгарија сè уште го немаат ратификувано приемот на Шведска и Финска во НАТО.

Анкара вели дека тоа ќе го стори кога двете скандинавски земји ќе исполнат голем број услови наведени во меморандумот договорен меѓу страните.

Конкретно, постојат клаузули дека Шведска и Финска треба да преземат акција против курдските групи, кои Анкара ги смета за терористички.

Анкара исто така инсистира на екстрадиција на одреден број курдски активисти.