Ердоган: Турција е ангажирана околу договорот за извоз на жито од Украина

од Stefanija Kuzmanovska
164 прегледи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција ќе продолжи да се ангажира во врска со договорот за извоз на жито од Украина преку пристаништата на Црното Море, и покрај двоумењето на Русија во однос на договорот.

Ердоган рече дека Турција решително ќе ги продолжи активностите поврзани со договорот за постигнување хуманитарни цели, пренесе Ројтерс.

Турција прави напори да дојде жито од Украина во земјите каде што е евидентна заканата од глад, посочи Ердоган, наведувајќи дека од почетокот на примената на договорот за жито од 1 август, од Украина се извезени 9,3 милиони тони земјоделски производи, што влијаеше на намалувањето светската криза во снабдувањето со храна.

Надлежните тимови од Турција и ОН денеска ја продолжија инспекцијата на бродовите според договорот за транспорт на украинско жито од пристаништата на Црното Море, откако Русија го прекина учеството во договорот за време на викендот.

Русија објави дека го суспендира учеството во спроведувањето на договорот за жито, постигнат во јули годинава со Украина, со посредство на ОН и Турција, на неопределен период, бидејќи не може да ја гарантира безбедноста на цивилните бродови по нападот на руската црноморска флота во Севастопол.