Ердоган: Турција е членка на НАТО и ќе дејствува како таква во случај на напад на Украина

од Milan1

Tурскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во интервју за регионални медиуми изјавил дека го поканил својот руски колега Владимир Путин во Турција, со предлог да биде домаќин на двете страни за да се најде дипломатски пат кон мирот.

Очекувам одговор од Москва, додал турскиот претседател.

Тој изјавил дека е потребен дијалог во однос на безбедносната загриженост на Русија, но и дека е неопходно да и се објасни на Москва дека некои нејзини барања не се остварливи.

„Се надевам дека Русија нема да изврши вооружен напад или да ја окупира Украина. Таквиот чекор не би бил мудар ниту за Русија, ниту за регионот. Потребен е дијалог во кој Русија ќе биде слушната и ќе се отстранат причините за нејзината разбирлива загриженост“, изјавил Ердоган, додавајќи дека Турција ќе мора да дејствува како членка на НАТО во случај на напад, пренесуваат медиумите во регионот.

Истите анализираат дека Анкара има добри односи и со Моква и со Киев, но се противи на руската политика во Сирија и Либија, како и на анексијата на Крим. Додека тесно соработува со Русија на енергетиката, Анкара и продаде софистицирани дронови на Украина, стои во новинарските записи.

„Повторувам, ние сме подготвени да го направиме она што е потребно и тие пораки им ги пренесов и на претседателот Путин и на претседателот Зеленски“, кажал Ердоган, додавајќи дека и двете страни биле запознаени со искреноста и добрите намери на Турција.

Анкара се понуди да биде посредник уште во ноември, а дипломатски извори минатата недела рекоа дека и Украина и Русија се отворени за таква улога на Турција во решавањето на кризата.

Ердоган најави дека на почетокот на февруари ќе го посети Зеленски во Украина и дека наскоро ќе се види или слушне со Путин.

Истовремено Рускиот претседател Владимир Путин ја прифати поканата на турскиот колега Реџеп Тајип Ердоган да ја посети Турција, информира денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе агенцијата Анадолија.

Состанокот ќе се одржи штом ситуацијата со пандемијата и распоредите на двајцата лидери ќе го дозволат тоа, појасни Песков за новинарите на дневниот брифинг во Москва.

Тој додаде дека поради пандемијата од коронавирус имало „одредена пауза“ во одржувањето на состаноците на меѓувладината комисија и Советот за соработка на високо ниво, на чие чело се двајцата претседатели.

Песков соопшти дека на оваа тема се разговарало неколку пати во неодамнешните контакти на двајцата лидери. Ердоган кажал дека е подготвен да биде домаќин на сите овие настани во Турција.

Слични содржини