Ердоган: Турција никогаш нема да дозволи создавање на курдска држава во Сирија

од desk2
75 прегледи

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави денеска дека неговата земја „никогаш нема да дозволи“ курдските милиции, кои Турција ги квалификува како терористички организации, да создадат курдска држава во северниот дел на Сирија.

– Ние не дозволуваме и никогаш нема да се согласиме со создавање на таканаречена држава од Партијата на демократскиот сојуз и Силите за заштита на народот во северна Сирија, посочи Ердоган.

Турција ја гледа Партијата на демократскиот сојуз и нејзиното воено крило Сили за заштита на народот како сириски огранок на Курдската работничка партија (ПКК), што е прогласена за терористичка организација од страна на Анкара, САД и Европската унија.

Партијата на демократскиот сојуз во март 2016 година прогласи полуавтономна администрација во северна Сирија. САД се сојузници со Силите за заштита на народот во борбата против терористичката група Исламска држава. Тоа предизвикува незадоволство во Турција, што се плаши од создавање на зона под контрола на Курдите во близина на нејзината граница.

Анкара во последниве неколку недели се закани со воена интервенција, особено во курдскиот кантон Африн, во северозападниот дел на Сирија. Турција во август 2016 година почна копнена офанзива во северна Сирија, со цел да ја одврати ИД од своите граници и да спречи спојување на разни зони, кои се под контрола на Силите за заштита на народот. – Каква е нивната цел? Да создадат терористички коридор во северна Сирија, што ќе се протега до Средоземното Море, посочи Ердоган, уверувајќи дека Турција ќе води борби со тие „терористички организции, каде и да ги сретне“. На прашањето дали е можна турско-иранска операција против курдските бунтовници во северниот дел на Ирак, Ердоган одговори дека “таквата можност е секогаш на дневен ред“. Истовремено, Турција остро се спротивставува на референдумот за независност на Ирачки Курдистан, што е закажан за 25 септември, и покрај добрите односи со лидерот на ирачките курди Масуд Барзани.