Ердоган тврди дека единствено државно решение за Кипар не е можно

од Nikola Popovski
377 прегледи

Турција сè уште се противи на создавање единствена кипарска федерација, изјавил претседателот Реџеп Таип Ердоган во саботата како дел од настаните на островот по повод 50-годишнината од турската инвазија.

„Ние веруваме дека можноста за решение засновано на единствена федерална држава на Кипар не е можна“, рекол турскиот лидер во саботата за време на посетата на северниот дел на поделениот остров, кој е под турска контрола.

Во 1974 година, кипарските Грци, националистите и тогашната владејачка диктатура во Атина сакаа да го обединат Кипар со Грција, што резултираше со воен удар на островот.

За да го спречи обединувањето со Грција, Турција воено интервенираше и оттогаш островот е поделен.

Претседателот на кипарските Грци, Никос Христодулидис веќе го отфрли повикот на неговиот колега, претседателот на кипарските Турци, Ерсин Татар, за решение со две држави.

„Во никој случај не разговараме за решение со две држави“, вели кипарскиот претседател Никос Христодулидес за ДПА во четвртокот.

И грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во саботата повика на обединет Кипар.

„Помина половина век од националната трагедија на Кипар… Ние се залагаме за европска држава, обединета и заснована на резолуциите на ОН. Без странска окупациска војска“, напишал Мицотакис на социјалната платформа Х.

Освен Никозија, и Европската унија и Обединетите нации се против решението со две држави. Целта на ОН отсекогаш била некаква форма на федерација со централна власт.

Во меѓувреме, Ердоган потенцира дека Анкара е „подготвена да преговара и да воспостави траен мир и решение на Кипар“.

Но, во исто време, тој упати обвинение дека кипарските Турци се дискриминирани и дека не им е дозволено да ги користат енергетските ресурси на островот.

Речиси една деценија по инвазијата, Турската Република Северен Кипар (ТРСК) беше прогласена во 1983 година на северниот дел на островот, но до денес само Турција ја признава.

Во 2004 година, целиот остров беше примен во ЕУ како земја. Де јуре, од тогаш целиот остров е членка на ЕУ, но правото на ЕУ важи само за јужниот дел, што значи дека островот е де факто поделен.

Слични содржини