Ердоган: Во иднина ќе се води борба за вода и храна

од Vladimir Zorba
384 прегледи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека поради климатските промени, сушата, порастот на населението и урбанизацијата, во иднина ќе има борба за водните ресурси и храната.

Тој на церемонијата на пуштање во употреба на браната и хидроцентралата Илису рече дека нејзиниот капацитет за складирање вода од околу 11 милијарди кубни метри, со капацитет од 1.200 мегавати, ќе и обезбеди на Турција финансиски бенефит од три милијарди лири годишно.

„Водата значи живот во нашата цивилизација. Енергијата е уште еден незаменлив извор на живот денес. Затоа, ова е проект кој на нашата земја и дава многу важни можности“, рече Ердоган, пренесе Анадолија.

И покрај зголемувањето на населението од три на осум милијарди во последните 60 години, количината на врнежи на земјата што ја имаме не е променета, рече тој, додавајќи дека катастрофите поврзани со климатските промени, како што се сушите, поплавите и шумските пожари, стануваат се почести.

„Заштитата на водните ресурси пред да ја достигнат границата на потрошувачка, нивното ефикасно користење и правилно управување стана обврска, а не избор“, додаде Ердоган.

Тој смета дека во иднина борбата ќе се води за водните ресурси.

„Очигледно е дека во следниот период ќе има борба за водни ресурси и производство на храна, на сличен начин како што се правеше за нафтата во минатото“, рече Ердоган.