Ердоган за судирите во Ерусалим: Израел е терористичка држава

од Nikola Popovski
345 прегледи

Турскиот претседател Реџеп Таип Еродган денес го нарече Израел „сурова, терористичка држава“, откако израелската полиција истрела гумени куршуми и шок-бомби врз палестинската младина која фрлаше камења кон нив кај џамијата Ал Акса во Ерусалим во петокот.

„Суровиот Израел, терористичката држава Израел, безмилосно и неетички ги напаѓа муслиманите во Ерусалим“, рекол Ердоган.

Тој ги повикал сите муслимански земји и меѓународната заедница да преземат „ефикасни чекори“ против Израел.

Ердоган додал дека Турција започнала „неопходни иницијативи“ за да ги охрабри Обединетите нации, Организацијата за исламска соработка и сите релевантни институции да преземат мерки, пренесува Ројтерс.

Синоќа израелската полиција се судрила со Палестинците пред стариот град во Ерусалим за време на најсветата ноќ на Рамазан, а претходно спречиле автобуси со муслимански верници кои се движеле кон тој град.

Судирите избувнаа пред џамијата Ал Акса, каде се собраа околу 90.000 Палестинци, а во источен Ерусалим полицијата употребила шок-бомби, пренесува „Харец“.

Според податоците на палестинскиот Црвен крст, најмалку 53 лица се повредени, а израелската полиција соопштила дека е повреден и еден полицаец.

Новите судири се случуваат еден ден по насилството во кое, според палестинските медицински служби, повеќе од 200 Палестинци биле повредени во близина на џамијата Ал Акса и други локации во Ерусалим. Повредени се и 18 полицајци.

Додека полицијата наведува дека нивните активности биле предизвикани од безбедносни причини, муслиманите ги сметаат за провокации и го обвинуваат Израел за спречување на слободата на вероисповед, пренесува АП.

За муслиманите, Ал-Акса е третото најважно светилиште, а Евреите веруваат дека некогаш имало два еврејски храма на тоа место.

Комплексот Ал-Акса опфаќа 15 проценти од старото јадро на Ал-Кудс, и е точка на спојување на трите најголеми религии во светот.

После Месџидул-Харам во Мека и џамијата на Пророкот во Медина, Ал-Акса е третото најважно место за муслиманите.

 

Слични содржини