Ердоган: Загрижува растот на исламофобијата на Запад

од Vladimir Zorba
173 прегледи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди денеска на загрижувачкиот раст на исламофобијата и антимуслиманското расположение, за кое вели дека е сè поприсутно на Запад, а е поддржано од десничарските структури во ЕУ.

„Исламофобијата и антимуслиманскиот наратив се шират како клетки на рак во многу делови на светот, особено на Запад“, рече Ердоган во говорот на првиот симпозиум за прашањето на исламофобијата, одржан во Анкара.

Тој вели дека толерантната политичка клима под изговор на слободата на говорот им помогнала на симпатизерите на крајната десница да добијат поддршка за своите насилни активности.

Покрај тоа, турскиот претседател посочи дека оние кои некогаш ја целеле еврејската заедница, сега ги претвориле муслиманите во главна цел.

„Новиот расизам насочен против муслиманите всушност претставува непријателство против исламот, и покрај напорите на западните општества да го ублажат со името „исламофобија“, посочува Ердоган.

Тој беше особено критичен кон Соединетите држави и истакна дека политиката на оваа земја довела до зголемување на нетолеранцијата кон муслиманите во светот.

„Стратегијата на САД за демонизирање на муслиманите по 11.09. служеше како поттик за голем број антимуслимански движења што веќе постоеја во многу структури на западната цивилизација. Ние мора да ги мобилизираме сите политичари, интелектуалци, медиумски работници, како и верски службеници за да се борат против таквото однесување“, рече Ердоган.

На крајот, турскиот претседател рече дека светот мора да се бори против исламофобијата со воспоставување заеднички механизми кои ќе донесат безбедност и мир на сите луѓе во светот.