Ериксен ги изненади соиграчите на тренинг

од Vladimir Zorba
187 прегледи

Данскиот фудбалер Кристијан Ериксен ги посети своите соиграчи од националниот тим, откако во петокот беше пуштен од болница, објави АП.

Ериксен ја напушти болницата во Копенхаген во петокот, а набргу потоа замина во таборот на националниот тим.

„Не знаевме дека ќе дојде. Престанавме да тренираме. Неговата посета донесе добра енергија во тимот. Можевме да го гушнеме. Беше убаво да се види како шета со неговиот син. Беше добар ден од многу причини“, изјави данскиот играч за врска Кристијан Нергорд.

На 12 јуни, играчот за врска на Данска доживеа срцев удар на натпреварот на Европското првенство против Финска. Ериксен потоа беше префрлен во болница, каде беше опериран – во неговото срце бил инсталиран дефибрилатор, апарат што го стимулира срцето.

Играчот за врска на Интер ручал со соиграчите пред да се врати дома.

„Беше емотивно затоа што последен пат го видовме како лежи на трева. Знаевме дека Кристијан е добро, но сосема е поинаку да го видиме во живо“, рече данскиот фудбалер Јоаким Мел.

Данска ги загуби првите два натпревари на Европското првенство, а последниот натпревар во групата ќе се игра против Русија во понеделник на стадионот „Паркен“ во Копенхаген.

Слични содржини