Играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Кристијан Ериксен, призна дека не е задоволен од фактот што игра се помалку за својот клуб. Данецот, кој одигра само 95 минути во Премиер лигата од почетокот на годината, откри дека веќе разговарал со менаџерот на тимот Ерик тен Хаг за тоа прашање.
„Порано кажав дека не сум среќен кога не играм, но тоа не е нешто поради што губам сон. Тимот игра добро и морам да ја почитувам улогата што ја има секој од нас. Моја должност е да работам напорно и да бидам подготвен за секој натпревар. И јас сум. Сега ми е полесно да ја прифатам оваа улога отколку порано. Имав разговор со Ерик тен Хаг и секако му кажав дека не сум задоволен од ситуацијата и сакам да играм што повеќе. Јас сум на располагање и секогаш ќе бидам. Тој одговори дека на Коби Мајну му оди добро, а и останатите играчи од средниот ред настапуваат на ниво, па се води битка за тие места. Во тимот има голема конкуренција.
Секако, долгорочно може да се грижите бидејќи сакам да играм повеќе и да не седам постојано на клупата. Сепак, тоа не е нешто што ме засега мене во моментов. Не го менуваш тимот кој победува, па го почитувам тоа“, изјави Ериксен за Tipsbladet.