Ескобар ќе присуствува на средбата меѓу Вучиќ и Курти во Охрид

од Nikola Popovski
218 прегледи

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, ќе учествува како набљудувач на новата рунда од дијалогот меѓу Косово и Србија, што ќе се одржи на 18-ти март во Охрид, потврдиле за Радио Слободна Европа од Амбасадата на САД во Македонија.

„САД целосно го поддржуваат дијалогот поддржан од ЕУ. Ескобар ќе отпатува во Охрид, за да го поддржи овој процес“, изјавиле од американската амбасада.

Ескобар завчера и вчера престојуваше во Белград, од каде замина во Приштина.

Претходно вчера, во разговор со новинарите во Белград, Ескобар рече дека договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово претставува една од најдобрите можности за регионот да напредува и ги повикува страните да бидат многу сериозни во барањето договор, да најдат начини да бидат флексибилни, конструктивни и да имаат визија и да ја искористат можноста што им се нуди.

Тој нагласи дека тоа е договор за нормализација на односите, а не за признавање.

„Американскиот став е дека Косово е земја со територијален интегритет и суверенитет. Сметаме дека регионот ќе има корист од меѓусебното признавање. Што се однесува до членството во ОН, сметаме дека вредноста на договорот би била побрзата интеграција на Србија и Косово и на целиот регион“, додаде Ескобар.

Тој посочи дека целта на договорот е да се интензивира процесот што би го доближил целиот регион до Европа, и на економски и на политички план.

Слични содржини