Поткомитетот за европски прашања на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес следната недела ќе одржи сослушување за заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар.
Како што се наведува во најавата за сослушувањето, темата ќе биде „Стабилност и безбедност на Западен Балкан: проценка на американската политика“.
Да напоменеме дека Ескобар во последно време е исклучително активен во преговорите меѓу Белград и Приштина кога станува збор за нормализација на односите, како и за смирување на последните тензии.
Ескобар е и специјален пратеник на Стејт департментот за Западен Балкан и многу често работи заедно со европскиот специјален пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина, словачкиот дипломат Мирослав Лајчак.
Расправата во Поткомитетот за Европа доаѓа во време кога се очекува Комитетот за надворешни работи на Сенатот да го сослуша Џим О’Брајан, еден од креаторите на Дејтонскиот договор, кој моментално се кандидира за позицијата помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања.