Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во средата изјави дека имплементацијата на Охридскиот договор меѓу Косово и Србија за нормализација на односите треба да започне со Заедницата на српски општини (ЗСО) во северно Косово.
На видео конференција за новинарите, тој рече дека Европската унија и САД се фокусирани на тоа тој договор да стане реалност, како и да успее нормализацијата на односите, бидејќи од тоа зависи стабилноста на регионот, пренесе Танјуг.
„Таа реалност се создава со ЗСО. Нормализацијата е насочена кон правата на малцинствата, особено на Србите. Нашето очекување е многу јасно и барањето да се оди напред со ова“, рече Ескобар и изјави дека работата на формирањето на ЗСО е започната, но дека оваа работа мора постојано да се турка напред за да се дојде до модел.
„ЗСО не е истиот модел како во БиХ“
Порача дека ќе направи се договореното во Охрид да се спроведе во целост и да нема губитници во овој процес, туку од тоа да имаат корист и двете страни, пред се граѓаните.
Ескобар очекува дека во рок од две недели ќе има нова средба меѓу главните преговарачи на Србија и Косово, Петар Петковиќ и Бесник Бисљими.
„Многу е важно двете страни, особено Косово, сериозно да го сфатат овој процес и брзо да се придвижат за да го завршат“, рече тој.
Како што рече, важно е сите страни да ги нормализираат односите и да се усогласат со позициите на ЕУ.
На изјавата дека косовските власти ја гледаат ЗСО како „втора Република Српска“, Ескобар одговори дека не бараат модел каков што се применува во Босна и Херцеговина.
На прашањето дали ќе се постигне договор до крајот на годината, тој рече дека е важно да се разговара за важни теми и оти се надева дека до крајот на годината ќе се постигне решение.
„Гласањето во Советот на Европа не е победа“
На прашањето дали Србија го прекршила договорот кога гласала против членството на Косово во Советот на Европа, Ескобар рече дека не е сигурен во тоа.
„Зависи од ЕУ која е гарант на договорот. Процесот на имплементација [на договорот] не беше одлучен во моментот кога се гласаше, не знам дали Србија беше обврзана да не го блокира“, рече Ескобар.
Тој рече дека гласањето во Советот на Европа не е победа, туку обврска и дека Советот на Европа треба да ја истражи положбата на малцинствата во Косово, пред се Србите.
„Мораме да видиме напредок во формирањето на ЗСО, но и ставот на Србите, почитување на одлуките на Уставниот суд [Косовскиот] суд во случајот со манастирот Дечани“, рече Ескобар.