Ескобар: Кризата во Украина ни помогна да се фокусираме на она што се случува на Западен Балкан

од Vladimir Zorba
135 прегледи

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар изјави дека ја охрабрува Србија да воведе санкции кон Русија поради нејзиниот напад врз Украина и да покаже дека е посветена на европските вредности.

Кризата во Украина ни помогна да се фокусираме на она што се случува на Западен Балкан, рече Ескобар, со тврдење дека Русија во иднина нема да биде кредибилен партнер и дека е економски и политички погрешно да се смета на соработка со Москва.

Ескобар изјави дека би сакал процесот на европска интеграција на шесте земји од Западен Балкан да биде побрз и рече: „Ни треба повеќе Европа и Америка во регионот“.

Национализмот и етничките ривалства се само маска за корупцијата, која е најголемиот проблем во регионот, рече Ескобар.

Според него, потребно е да се санкционираат корумпираните политичари.

„Некои политичари во Босна и Херцеговина соработуваат со организираниот криминал. Тие лица мора да бидат отстранети од нивните позиции, што важи и за целиот регион“, рече Ескобар.

Тој рече дека нема многу шанси САД да ја преземат главната улога во дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

„Дијалогот треба да биде европски, бидејќи Белград и Приштина сакаат членство во ЕУ, но во тој процес се вклучени и САД, за да се дојде до решение корисно за сите страни“, рече Ескобар.

Изрази уверување дека економскиот потенцијал на регионот ќе создаде услови за интеграција на земјите од Западен Балкан.

Ескобар изјави дека формирањето на Заедницата на српските општини на Косово е законска обврска и дека тоа ќе се случи.

„Во центарот на сите тензии се 70.000 Срби на северот на Косово. Тие треба да имаат загарантирана заштита од сите институции на Косово и да учествуваат во животот на Србија“, рече Ескобар.

Во разговор организиран од Европскиот центар на Атлантската алијанса, тој изјави дека Вашингтон често разговара со членките на ЕУ кои не ја признале независноста на Косово.

„Косово е независна земја, затоа е потребно само да се признае. Обврзувачкиот договор меѓу Белград и Приштина ќе го отвори патот за зголемување на бројот на земји кои го признаваат Косово“, рече Ескобар.

Изјави и дека е малку веројатно некој во Европа да верува дека Косово е дел од Србија.

„Ова не значи дека Србија и Косово не можат да соработуваат во културата, трговијата и заштитата на животната средина. Белград и Приштина ќе имаат мирни односи, кои ќе се постигнат преку трансатлантскиот процес“, рече Ескобар.

Посочи дека иднината на Западен Балкан е мултиетничка демократија.

Американскиот пратеник за Западен Балкан рече и дека „Отворен Балкан“ ќе биде тест за претседателот Вучиќ да го прифати Косово како полноправна членка на иницијативата, да ги признае документите на неговата Влада и дека земјите во рамките на иницијативата ќе мора да го признаат меѓусебните граници.

„Разликата помеѓу слободна трговска заедница и слободната шверцерска зона е граничната контрола. Тоа значи дека границите меѓу Србија и Република Српска и Србија и Косово ќе мора да бидат признати како меѓународни граници. Постои можност регионот да напредува, да заздрави малку преку „Отворен Балкан“ доколку тоа се спроведе правилно“, рече тој.

Слични содржини