ЕСМ: Дефектот отстранет, радијаторите се повторно топли

од Nikola Popovski
26 прегледи

Во раните утрински часови, екипите на ЕСМ Дистрибуција успешно ги завршија сите предвидени и исклучително сложени активности за санирање и отстранување на дефектот на магистралниот вод А во општина Центар, што поминува преку булеварот Кочо Рацин, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен, информираа од компанијата по проблемот со парното греење и фактот што делови од скопски Центар до утринава немаа топлинска енергија.

Според ЕСМ, по завршувањето на овие интервенции, испораката на топлинска енергија до потрошувачите кои се снабдуваат од тој магистрален вод целосно се нормализира.

-Се обезбедува стабилно и непрекинато снабдување за сите потрошувачи во општина Центар. Друштвата формирани од АД ЕСМ се гордеат со посветеноста и ангажманот на сите вработени кои ја завршија санацијата на магистралниот вод во текот на ноќта, стои во соопштението на ЕСМ.

Жители на Центар од вчера се мрзнеа на минусни температури, па беа принудени да се снаоѓаат со алтернативна решенија за да се стоплат.

Раководството на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија вчера обвини дека до проблемот дошло поради „негрижа и неодржување на дистрибутивната мрежа од претходното раководство сочинето од кадри на СДСМ и ДУИ“.

АД ЕСМ Снабдување вчера информира дека кај дел од потрошувачите ќе има намалена испорака на топлинска енергија поради зголемени загуби на вода во топлификациската дистрибутивна мрежа.

Најголемата опозициска партија СДСМ побара формирање кризен штаб за надминување на проблемот.

Слични содржини