ЕСМ до Милошоски: Во кој паралелен свет живееш и обвинуваш за корупција?

од Nikola Popovski
362 прегледи

Обвинувањата за корупција во јавните набавки во РЕК Битола се тенденциозни и штетни за имиџот и на комбинатот и на компанијата и на државата, велат од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) како реакција на денешната прес-конференција на Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во кој паралелен свет живее пратеникот Антонијо Милошоски и излегува на прес конференција обвинувајќи за намерно одолговлекување на постапката за набавка на сопствена механизација за потребите на ПЕ Рудници на РЕК Битола, а комбинатот и АД ЕСМ се во фаза на потпишување на договори за набавка на механизација? РЕК Битола и АД ЕСМ тоа го соопштија пред пет дена и најавија дека во текот на следната недела, истото ќе биде презентирано во јавноста, соодветно на тежината на набавката вредна над 15 милиони евра.“, се наведува во официјалното соопштение.

Од ЕСМ повикуваат Милошоски да не ја замајува јавноста дека до ВМРО-ДПМНЕ стигнале некакви договори кои отвораат сомнеж за корупција во АД ЕСМ или РЕК Битола.

„Станува збор за јавно достапни документи и секој може до нив да пристапи преку системот за јавни набавки. Сите договори на кои се повикува Милошоски ги поминале сите правни процедури предвидени во македонското законодавство, вклучувајќи и жалби и одлуки на надлежни инстанци. Во секој случај, пратеникот Милошоски ги има на располагање институционалните механизми за утврдување на вистината и го повикуваме да поднесе претставка до Јавното обвинителство на РСМ. Коректно би било и да се извини за изречените лаги“, стои во соопштението.

Милошоски денеска посочи дека директорот Васко Ковачевски би требало да си даде оставка од директор на АД ЕЛЕМ заради лакомоста за профит на приватни лица и фирми блиски до фамилијата на власт.

„Заради овие договори производствената цена во РЕК Битола се зголемува за 20 проценти за киловат час електрична енергија. 20 проценти поскапа струја во РЕК Битола кон ЕЛЕМ значи 20 проценти поскапа струја кон ЕВН.  Таа разлика понатаму ќе ја плати АД ЕЛЕМ со загуби или ќе ја платат граѓаните преку поскапа струја. Но, бидејќи АД ЕЛЕМ е Акционерско друштво во државна сопственост загубите на крајот и на АД ЕЛЕМ по втор пат ќе ги платат граѓаните кои што го полнат Буџетот“, рече Милошоски.

Тој додаде дека до ВМРО-ДПМНЕ пристигнале договори во вредност од 4 милиони евра кои ќе се дадат на приватни за ископ на јаглен при што  двојно се зголемува цената за ископ, од 15 на 30 евра за еден тон, а тоа би влијаело на цената на струјата што ја плаќаат граѓаните.

Слични содржини