ЕСМ ќе го активира ТЕЦ Неготино за дополнително производство на струја

од Nikola Popovski
487 прегледи

Владата на Северна Македонија даде согласност на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) да го активира со работа ТЕЦ Неготино за времено дополнително производство на електрична енергија во услови на енергетска криза.

Владата даде согласност да се склучи договор за деловно-техничка соработка меѓу АД „ЕСМ“ и АД ТЕЦ „Неготино” за набавка на мазут и за производство на електрична енергија, во периодот декември 2021 – април 2022, со можност за понатамошна соработка доколку за тоа има потреба.

Според овој договор, кој ќе ги регулира правата и обврските на двете страни, АД „ЕСМ“ ќе ја набави потребната количина мазут за функционирање на ТЕЦ „Неготино“ и ќе ја преземе целокупната произведена електрична енергија.

Произведената електрична енергија во ТЕЦ Неготино, АД „ЕСМ“ ќе ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел ќе понуди за потребите на АД „МЕПСО“, додека вишокот електрична енергија, ЕСМ Продажба преку Стопанската комора ќе ја понуди на продажба на слободен пазар на домашните стопански субјекти, по цени пониски од цените на берзата.

Владата на Северна Македонија ќе ја помогне набавката на мазут потребен за период од еден месец, во што ќе учествува и АД „ЕСМ“ со свои средства. Обртните средства кои ќе се остварат со производството на електрична енергија во првиот месец, ќе бидат искористени од страна на АД „ЕСМ“ за набавка на мазут за понатамошно производство, доколку од истото има потреба.

Со оваа одлука ќе се овозможи зајакнување на домашниот електро-енергетски систем, зголемување на домашното производство на електрична енергија, а со тоа зголемување и на БДП, а ТЕЦ Неготино кој 12 години беше ладна резерва, ќе биде ставен во функција и ќе даде економски придонес за државните енергетски компании и стопанството во услови на глобална енергетска криза.

Цената на електричната енергија на берзите секојдневно расте и во моментот изнесува 283 евра/мегават-час. Со сегашната регулирана цена на мазутот од 36 ден/кг, производната цена на ТЕЦ Неготино доколку работи со еден котел ќе изнесува околу 175 eвра/мегават-час, додека ако работи со два котла ќе изнесува околу 150 eвра/мегават-час.

ТЕЦ „Неготино“ има вкупен расположив капацитет за производство од 180 мегавати, што е приближно еден блок на РЕК Битола.

Државната термоелектраната Неготино е изградена во 1978 година и истата последен пат работела во 2009 година.

Целокупниот процес на рестартирање на ТЕЦ „Неготино” ќе подлежи на пробен период и проверка на сите функционалности на опремата.

Слични содржини