ЕСМ од 21 јануари ќе управува со БЕГ и топлификација Скопје Север

од Nikola Popovski

Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција пред новинарите потврди дека АД ЕСМ од четврток 21 јануари ќе го преземе управувањето со БЕГ и Скопје Север.

Според него, Владата не субвенционира приватни фирми и затоа ова ќе го стори АД ЕСМ.

-Во пресрет на корисниците ќе излеземе преку ЕСМ, а не преку БЕГ, како што беше претходно најавено, имајќи предвид дека не се вклучија општините и Градот Скопје за да помогнат во оваа ситуација. Преку државната ЕСМ ќе се покрива разликата од реалната и постојната цена за корисниците, рече Бектеши.

Министерот додаде дека калкулациите за неопходните шест милиони евра за надминување на состојбата се направени врз основа на берзанските цени на природниот гас за јануари.

-Сега ги очекуваме понудите за февруари и март и согласно тие проекции и постојната формула на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и ЕСМ ќе се направат соодветните калкулации, прецизира Бектеши.

АД ЕСМ ги поздравува мерките кои ги преземаат Владата и Регулаторната комисија за енергетика за надминување на кризата со снабдување со електрична енергија и на кризата со снабдување со топлинска енергија, се наведува во соопштението на компанијата од саботата и се додава дека ЕСМ континуирано искажува подготвеност и соработка со институциите и во изминатиот период е ставен на располагање за свој дополнителен ангажман и вклученост во просеците за надминување на кризните состојби.

-Согласно Уредбата донесена на вчерашната седница на Владата во врска со кризата настаната во снабдувањето со топлинска енергија и дополнителните одлуки кои ќе следуваат, АД ЕСМ ќе го преземе раководењето со БЕГ до завршувањето на кризата со снабдување со топлинска енергија.

Преземањето на управувањето со трите субјекти на БЕГ, (Производство, Дистрибуција и Снабдување ) и со топлификација АД Скопје Север се очекува во текот на претстојната недела, откако АД ЕСМ ќе ги добие од страна на Владата потребните одлуки и задолженија за спроведување на преземањето, се вели во соопштението.

Слични содржини