ЕСМ почна да поставува нови цевки под мостот „Беласица“

од Nikola Popovski
260 прегледи

АД ЕСМ информира дека под мостот „Беласица“ се поставуваат нови цевки за парното греење во Скопје. Велат дека се вложуваат „максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок“ и дека се работи за „комплексна активност што бара сериозна посветеност и работа“.

-Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите вклучувајќи ги и количините кои ќе ги испорачува ТЕ-ТО. Во текот на изминатиот период, АД ЕСМ активно работеше на решение за проблемот со цевководот кај мостот „Беласица“, кој е од суштинска важност за парното греење во Град Скопје. Успешно беа отстранети оштетените цевки и донесени се нови и за нивно постаувавање веќе се започна со активности на терен, соопшти ЕСМ.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска пред само неколку дена изјави дека минорните оштетувања на мостот Беласица треба да ги направи АД ЕСМ, а дури потоа да почне поставувањето на новите цевки од топловодот. Таа посочи дека дури Градот Скопје и да сака да пристапи на санацијата на мостот, ќе треба ново буџетирање, нова програма и ќе требаат одлуки на Совет на град Скопје, а сето ова ќе треба време, додека ЕСМ санацијата би ја завршил пред да почне грејната сезона.

Поради ваквиот спор меѓу АД ЕСМ и Град Скопје во врска со тоа кој треба да го санира мостот, веќе неколку месеци не се поставени нови цевки од топловодот што минуваат под мостот Беласица.

После монтирањето на новите цевки, ќе се определи новата цена на парното греење во Скопје. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) дотогаш нема да прави пресметки. Претседателот Марко Бислимоски изјави дека нема да се дозволи граѓаните да плаќаат повисока цена поради тоа што институциите не си ја завршиле работата и сѐ додека не се стави цевка, ќе важи ланската цена за парното греење.

Слични содржини