Цената на парното греење во Скопје ја одредува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), а зголемувањето на трошоците на дејноста не мора значи зголемување на крајната цена на парното, порачуваат од ЕСМ Снабдување со топлина.
-Компаниите кои ја вршат дејноста производство, дистрибуција и снабдување поднесоа барање за признавање на трошоците од работењето на друштвата до РКЕ. Врз основа на овие податоци и одобрените трошоци за вршење на дејноста, РКЕ ги утврдува тарифните ставови според кои се фактурира испорачаната топлинска енергија кон крајните потрошувачи во следниот период, велат од ЕСМ Снабдување со топлина и додаваат дека зголемувањето на трошоците на дејноста не мора значи зголемување на крајната цена на парното.
Нагласуваат дека АД ЕСМ по задолжение од Владата ја презеде и топлинската енергија за Градот Скопје и изминатата грејна сезона немаше прекин во снабдувањето со топлинската енергија и на задоволство на огромен број на граѓани на 15 октомври радијаторите беа топли.
-И следната грејна сезона АД ЕСМ нема да дозволи да има прекини во снабдувањето со топлинската енергија, велат од ЕСМ Снабдување со топлина.
Денеска ЕСМ производство има лиценца за 10 години. Во Регулаторната комисија за енергетика велат дека во тек се анализите на пристигнатите барања што ќе покажат колкаво ќе биде поскапувањето. Новата цена ќе биде донесена до крајот на месецов.
За разлика од другите европски земји, Македонија не е многу зависна од природен гас. Скоро 80 отсто од потрошувачката во земјава оди за парното греење во Скопје, кое по потреба може да се префрли на мазут.