Естонија во средата официјално ја прими првата пратка од шест високомобилни артилериски ракетни системи (HIMARS) од САД, соопшти Естонскиот центар за одбранбени инвестиции. Моќните ракетни системи, со дострел до 300 километри, беа предадени на естонските вооружени сили на церемонија во воздухопловната база Амари. Системите се дел од договор за зајакнување на националната одбрана и колективната безбедност во рамки на НАТО.
„Тие пристигнаа!“, напиша естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна на социјалната мрежа X (поранешен Твитер). „Ова ја зајакнува не само естонската одбрана, туку и безбедноста на целиот НАТО сојуз“, додаде тој.
Покрај Естонија, и нејзините балтички соседи Литванија и Латвија имаат нарачано повеќе системи HIMARS, во рамки на регионалните напори за одвраќање од потенцијални закани и зголемување на капацитетите за брз и прецизен одговор.
HIMARS (High Mobility Artillery Rocket System) е повеќе ракетен систем монтиран на лесно оклопно возило, произведен од американската компанија „Локид Мартин“. Овозможува лансирање на различни типови проектили, меѓу кои и ракети со дострел до 80 километри, како и тактички ракети со дострел до 300 километри. Системите HIMARS се докажаа како клучна компонента на современото војување, особено во контекст на нивната примена во Украина.