Естонија и Финска планираат да потпишат договор за инсталирање на противракетен систем што ќе им овозможи да го контролираат Финскиот залив, што на крајот би ја прекинало врската на Русија со нејзината флота во Балтичкото Море, пишува британскиот дневен весник „Телеграф“.
Договорот ќе го опфати новиот ракетен систем од израелско-сингапурско производство „Сино копје“. Естонскиот министер за одбрана Хано Пaвкур изјави дека динамиката на моќ во балтичкиот регион се менува и дека тоа е во корист на НАТО.
– Балтичкото Море ќе биде внатрешно подрачје на НАТО кога Финска и Шведска ќе влезат во Алијансата. Во однос на денес ситуацијата се менува – потенцира Павкур.
„Телеграф“ пишува дека без контрола над Финскиот залив, штабот на руската морнарица во Санкт Петербург не може по море да стигне до својата флота во Балтичкото Море. На своите бродови ќе може да стигне само од Калининград.
Кремљ се уште не реагирал на прелиминарниот договор меѓу Естонија и Финска, иако заменик-шефот на Одборот за одбрана на руската Дума, Јуриј Швиткин изјави дека заканата за отсекување на Финскиот залив ќе предизвика реакција од Русија.
Воените аналитичари ги посочија Балтичкото Море и Финскиот залив како потенцијални конфликтни зони.