Етеми контра МВР: Обвиненијата се измислени однапред да се креира атмосфера на линч

од Илинка Илиоска
1,K прегледи

Бизнисменот Фатмир Етеми излезе во јавноста со остра реакција на вчерашната кривична пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, во која е обвинет за злоупотреби при тргување со акции. Во својот допис, Етеми тврди дека обвиненијата се измислени и имаат за цел да му наштетат на неговиот углед.

„Во врска со вчерашната пријава поднесена од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Единица за финансиски криминал во соработка со Одделот за криминалистичка полиција при МВР, сакам да ја информирам јавноста дека станува збор за погрешно утврдена фактичка состојба со која надлежните институции и граѓаните се доведени во заблуда, а на мене лично ми е нанесена штета и нарушен угледот кој го градам години наназад во бизнис секторот и затоа најостро ги демантирам наводите по повод оваа измислена поднесена кривична пријава,“ изјави Етеми, додавајќи дека постои „обид однапред да се креира атмосфера на линч.“

Пријавата на МВР се базира на обвинувања дека Етеми, како член на раководството на една банка, добил внатрешни информации за висината на дивидендата и потоа купил акции заедно со членови на неговото семејство. Етеми, пак, ги отфрла овие тврдења, нагласувајќи дека купувањето на акциите се случило еден месец по јавното објавување на дивидендата. „Сакам јасно да кажам дека нема апсолутно никаков основ за злоупотреба на внатрешни информации која се однесува со висината на дивидендата за 2023 година, бидејќи моето стекнување на 500 акции е речиси еден месец подоцна, откога висината на дивидендата за 2023 година е јавно објавена за целата јавност,“ истакна тој.

Понатаму, Етеми додаде дека акциите кои тој и неговото семејство ги купиле биле набавени „по пазарни цени,“ врз основа на понудата и побарувачката на редовниот пазар на Македонската берза. „Дополнително, сакам да истакнам дека купувањето на акциите се изврши во редовно класично тргување по берзански и пазарни цени на денот на купувањето. Сите мои трансакции и трансакциите на моето потесно семејство беа по пазарна вредност и не се извршени со намера да се стекне каква било незаконска имотна корист,“ потенцира Етеми.

Тој исто така ги отфрли обвинувањата дека овие акции биле стекнати со цел за манипулација, посочувајќи дека сите купени акции ги поседува долгорочно и не ги продава. „Акциите кои ги купувам лично и акциите кои ги купува моето потесно семејство се купуваат континуирано и сукцесивно во изминатите 5-6 години. Истите акции ги поседуваме долгорочно и не сум извршил никаква продажба на акции за да имам прибавено некаква противправна имотна корист за мене или за моето семејство,“ додаде тој.

Во однос на својата бизнис-репутација, Етеми подвлече дека неговата компанија „има традиција на успешно работење во градежништво“ и дека целото негово работење е транспарентно. Тој ги повика институциите да не подлегнуваат на притисоците и изрази уверување дека ќе одлучуваат „исклучиво врз база на законите и прописите во земјата.“

Полицијата, од своја страна, соопшти дека пријавата против Етеми е дел од поголема истрага на финансиски криминал и дека ќе продолжат со процесот во соработка со Обвинителството.

Слични содржини