ЕУ бара санкции против одговорните за смртта на Навални, Борел наведе кого го смета за виновен

од Stefanija Kuzmanovska
234 прегледи

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска, по пристигнувањето на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, изјави дека земјите-членки на ЕУ ќе предложат санкции против одговорните за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

„А самиот Путин е одговорен“, изјави Борел пред новинарите во Брисел.

Тој нагласи дека ЕУ мора да продолжи да ги поддржува Украина и рускиот народ на политички и воен фронт.

„Треба да испратиме порака за поддршка на руската опозиција“, наведе Борел и посочи дека за време на денешната средба сопругата на Навални, Јулија Навална, ќе испрати порака за тоа како да се поддржи политичката опозиција во Русија.

Во исто време, тој предложи министрите на ЕУ, во знак на почит на Навални, режимот на санкции за кршење на човековите права да го преименуваат во „Режим за санкции за човекови права на Навални“, за, како што рече, неговото име засекогаш да биде впишано во работата на ЕУ за одбрана на човековите права.

Борел додаде дека ЕУ ќе продолжи да следи како се одвива војната во Украина.

Тој изјави дека министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ќе разговараат за ситуацијата на Блискиот Исток и посочи дека претходно објавил изјава, која го претставува ставот на мнозинството, но не на сите земји-членки, и која бара Израел да не започнува воена офанзива на Рафа.

Слични содржини