Европската унија (ЕУ) порачува дека сите земји од Западен Балкан мора да го усогласат визниот режим за граѓаните на таканаречените трети земји со цел заедничка борба против илегалната миграција.
„Визната координација е задолжителна. Незамисливо и неприфатливо е нашите партнери од Западен Балкан да имаат безвизен аранжман со трети земји, чии граѓани ги користат правните дупки за да влезат на територијата на ЕУ“, нагласи потпретседателот на Европската комисија (ЕК) Маргаритис Скинас, одговорен за промоција на европскиот начин на живот.
Европската комисија ја поздрави најавата од Србија дека ќе ја усогласи визната политика со државјаните на трети земји.
„Веќе имаме одреден напредок. Србија веќе има одредени промени во визната политика во однос на Тунис и Бурунди и најави дека истото ќе го направи и за Индија, како и за другите трети земји. Факт е дека најголемиот дел од мигрантите доаѓаат од Србија, но сите земји (региони) имаат празнини кога станува збор за визната политика“, нагласи еврокомесарот за внатрешни работи, Илва Јохансон.
Проблемот со илегалната миграција преку таканаречената „балканска рута“ е причината поради која Европската комисија предложи Акционен план за соработка со земјите од Западен Балкан за решавање на заедничките предизвици.
Акцискиот план има пет клучни столбови: зајакнување на граничното управување долж рутите; побрзи процедури за азил и капацитет за поддршка на приемот; борба против криумчарење мигранти; подобрување на соработката за реадмисија и враќање, како и постигнување усогласување на визната политика, пишува „Данас“.
„Акцискиот план утврдува низа мерки за зајакнување на поддршката на ЕУ за земјите-членки кои се соочуваат со зголемен миграциски притисок долж западнобалканските рути. Нередовните движења долж рутите на Западен Балкан значително се зголемија оваа година поради неколку фактори, вклучувајќи ги економските притисоци и несигурноста како резултат на тековните конфликти. Неусогласеноста на безвизниот режим со визната политика на ЕУ, исто така, придонесува за зголемување на бројот на луѓе кои директно по воздушен пат пристигнуваат во земјите од Западен Балкан и продолжуваат кон ЕУ. Блиската соработка со нашите партнери од Западен Балкан е од суштинско значење за решавање на овие заеднички миграциски предизвици“, се вели во соопштението на ЕК.
Имено, според официјалните податоци на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС), во текот на 2022 година е забележан пораст на миграцијата преку „балканската рута“, особено преку Србија. Овие илегални мигранти преминувале на територијата на ЕУ.
Според податоците на ФРОНТЕКС, до октомври годинава има 77 отсто зголемување на бројот на премини без документи во однос на истиот период од претходната година. Австрија е една од главните дестинации за пристигнување на мигранти, а многу илегални мигранти потоа преминуваат во Германија и Белгија.
Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон потврди дека најголем број мигранти доаѓаат преку Србија.
„Со посилното усогласување на Србија, сега постои ризик од користење на нови рути низ другите земји од Западен Балкан“, нагласи Јохансон.
Поради зголемениот број мигранти кои ја користат „балканската рута“, Европската комисија во октомври предупреди дека Србија може да се соочи со суспензија на безвизниот режим доколку не ја усогласи визната политика со трети земји во согласност со политиките на ЕУ.
По ова предупредување Србија најави укинување на безвизниот режим за одреден број граѓани од таканаречените трети земји.