Земјите-членки на ЕУ се надеваат дека денеска ќе постигнат договор за одложување на Брегзит до 31 јануари, а поран излез би бил можен ако британскиот Парламент го ратификува договорот со Унијата.
Ова за некои светски агенции го изјавиле високи неименувани избори во Брисел, додека „Гардијан“ пишува дека, и покрај забелешките на француската Влада, документот, кој денеска треба да биде договорен, укажува дека ЕУ ќе го прифати барањето на Велика Британија за одложување.
Британскиот премиер Борис Џонсон минатата недела побара тримесечно одложување на Брегзит, до крајот на јануари 2020 година, откако пратениците го отфрлија новиот договор што го постигна со Унијата.
Секое одложување на Брегзит мора да го прифатат сите 27 земји-членки, а приговорите на Франција досега спречуваа таква одлука.
Според најновиот план, Велика Британија би можела да излезе од Унијата на 1 декември или 1 јануари, што зависи од тоа кога Парламентот ќе го ратификува договорот, односно во ноември или декември.
Доколку Велика Британија остане во ЕУ по 31 октомври, европскиот блок ќе побара од Лондон да предложи еврокомесар за новата Европска комисија.