ЕУ е загрижена за слободата на медиумите во Словенија

од Nikola Popovski

Европската унија денеска изрази загриженост за слободата на медиумите во Словенија откако директорот на словенечката новинска агенција СТА поднесе оставка затоа што не сака да потпише нов договор за финансирање на агенциите понуден од владата.

Директорот на СТА, Бојан Веселиновиќ поднесе оставка, велејќи дека новиот договор ќе и наштети на агенцијата.

„Никогаш нема да учествувам во газењето на новинарската автономија“, рече тој во изјавата.

Според Европската комисија (ЕК), владата оваа година не ѝ платила ништо на агенцијата.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша, чија земја моментно претседава со ЕУ, инсистира на тоа дека повеќето словенечки медиуми се премногу критични кон него, но во јули рече дека прашањето за финансирањето ќе биде решено оваа есен.

„Жал ни е и со загриженост го следиме најновото влошување“, изјави за новинарите портпаролот на Европската комисија, Кристијан Виганд.

Тој рече дека ЕК „постојано изразува сериозна загриженост“ во врска со обврската на владата да обезбеди финансирање на СТА и независност.

Тој ги повика словенечките власти „да преземат решителни мерки за да ги запрат и укинат актуелните трендови“.

Минатата недела, потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова, ги повика словенечките власти да го решат прашањето за финансирање на СТА што е можно поскоро, на што владата на Јанез Јанша го блокираше плаќањето средства за нејзината работа уште од почетокот на годината.

Таа испрати писмо до словенечката министерка за култура во кое изјави дека словенечкиот Врховен суд неодамна потврди дека владата е должна да плати средства за работата на јавните агенции, без оглед на компликациите околу потпишувањето на новиот договор за оваа година.

Слични содржини