ЕУ ги повикува најголемите светски економии да ги зголемат климатските цели

од Stefanija Kuzmanovska

Шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел денеска ги повика најголемите светски економии да постават попрецизни цели за намалување на емисиите на стакленички гасови до климатскиот самит во ноември.

Претходно оваа недела, извештај на ОН ја покажа сериозноста на глобалното затоплување, што е опасно близу до преминување на границите, за што државите постигнаа консензус дека се неопходни, за да се спречат најтешките последици од климатските промени.

Пожарите и поплавите веќе предизвикуваат пустош, а Сицилија во средата забележа температура од 48,8 степени Целзиусови, што според некои научници е можеби највисоката температура во европската историја.

„Предизвикот е да се осигура дека на самитот во Глазгов, сите големи економии ќе преземат амбициозни, мерливи и проверливи цели за 2030 година и посветеност на климатската неутралност“, напиша Борел во статијата.

Американскиот претседател Џо Бајден вети дека САД ќе постигнат јаглеродна неутралност до 2050 година, додека истата цел стана закон на ниво на ЕУ.

Климатската неутралност подразбира ослободување само онолку гасови што можат да се отстранат од атмосферата со вегетација или технологии за апсорпција на СО2.

Кина, Индија и Русија се меѓу земјите кои се соочуваат со меѓународен притисок да ги зголемат своите амбиции за неутралност до самитот на ОН за климата во Глазгов.

Како најголема развиена економија, Европската унија има обврска да биде пример за другите, рече Борел.

„Како една од економски најразвиените области во светот, ние сме меѓу оние што емитуваат и емитирале во минатото, најмногу стакленички гасови одговорни за климатските промени“, рече тој.

Минатиот месец, Европската унија предложи 13 закони за намалување на емисиите на стакленички гасови низ Унијата за да се постигне 55 проценти намалување на емисиите во споредба со 1990 година, до 2030 година.

Слични содржини