Европската Унија воведува санкции врз ректорот на Московскиот државен универзитет откако институцијата започна курс за тоа како да се заобиколат западните санкции.
„Одлучивме дека би било добра идеја да се санкционира ректорот на универзитетот за да може да го сподели сопственото искуство со студентите“, изјави висок функционер на ЕУ за „Политико“.
„Се надевам дека ова [ќе биде сфатено како] малку хумор“, додаде функционерот.
Високото економско училиште на универзитетот објави во јули дека започнува двегодишна магистерска програма за избегнување на санкции, објави во тоа време „Москва тајмс“. Официјално наречен магистер по усогласеност со санкциите, курсот ветува „живи примери што илустрираат ризични ситуации од реалниот живот со кои се соочуваат руските и меѓународните компании“.
Но, магистерската диплома не е единствената причина зошто ректорот Никита Анисимов беше вклучен на листата. Во 2023 година – една година по целосната инвазија на Русија на Украина – Анисимов објави дека неговиот универзитет ќе ја финансира обуката на рускиот воен персонал вклучен во војната, според европските документи.
Симболичната одлука беше објавена во четврток по самитот на европските лидери, на кој се согласија за 19-тиот пакет санкции против Русија. Со него се замрзнуваат средствата на Анисимов во Европа, доколку ги има.
Во меѓувреме, за време на состанокот на европските лидери, стана јасно дека претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта очекува ЕУ во декември да донесе одлука за користење на запленетиот руски имот за репарациски заем за Украина. Дотогаш, техничките и правните аспекти мора да бидат финализирани, прецизираше тој на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по завршувањето на состанокот, цитирана од БТА.
Се согласивме да имаме таков заем, останува да се утврди кој е најдобриот пат до целта, додаде фон дер Лајен. Според неа, може да има и други начини за обезбедување финансиска поддршка на Украина без користење на запленетиот руски имот. Таа посочи дека ЕК ќе подготви разни предлози за тоа како да се обезбеди заем. Во секој случај, ќе се придржуваме до европското и меѓународното право, прецизираше таа.
Финансиските потреби на Украина ќе бидат покриени во следните две години, истакна Кошта. Тој изрази надеж дека наскоро ќе има преговори со рускиот претседател Владимир Путин. Европа нема да ја напушти Украина, истакна Кошта.