Европската унија ја обвини „АстраЗенека“ на суд дека дури и не се обидела да го исполни договорот за испорака на вакцини против Ковид-19.
Таа фармацевтска компанија е исто така обвинета дека не ја предупредила Унијата навремено за големи прекини во испораките.
ЕУ поднесе тужба против „АстраЗенека“ во април, откако компанијата објави дека ќе се обиде да испорача само 100 милиони дози од својата вакцина до крајот на јуни, наместо 300 милиони предвидени со договорот за набавка, и побара испорака на најмалку 120 милиони вакцини до крајот на јуни.
Компанијата тврди дека договорот не е целосно обврзувачки и дека договорот бара од неа само да вложи најдобри можни напори за доставување на потребните вакцини до Унијата.
Адвокатот на ЕУ, Рафаел Џаферали, денеска на првото рочиште пред судот во Брисел рече дека овој принцип не е почитуван затоа што компанијата не испорачала 50 милиони дози произведени во фабрики што се наведени во договорот како добавувачи во ЕУ, вклучувајќи 39 милиони произведени дози во Британија.
„АстраЗенека“ го оправда недостатокот на залихи од Велика Британија со наведување на клаузули во нејзините британски договори кои спречуваат извоз на вакцината што ја разви со Универзитетот во Оксфорд, а Џаферали рече дека „АстраЗенека“ се обврзала во договорот со ЕУ дека нема да има други ангажмани што би го спречиле да се придржува кон условите на договорот.
Адвокатот исто така рече дека „АстраЗенека“ не ја известила ЕУ навремено за големината на проблемот со снабдување, бидејќи неколку пати испраќала пораки, вклучително и јавно, дека е во можност да ги исполни своите цели, пред конечно да признае дека имало големи недостатоци во март.
Компанијата ја предупреди ЕУ во декември за проблеми со производството, но објави едвај на крајот на јануари, непосредно пред почетокот на испораките, дека ќе има значително поголеми намалувања отколку што првично се очекуваше во првиот квартал.
Адвокатите на ЕУ побараа судска пресуда пред крајот на јуни за да се обезбеди дека дозите кои не се испорачани да бидат доставени на време.