ЕУ инсистира на почитување на Преспанскиот договор и спроведување на уставните измени

од Nikola Popovski
101 прегледи

ЕУ ќе работи со новата влада во Скопје за унапредување на клучните реформи на патот на земјата кон европското семејство. Ова денеска го изјавила портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, на прес-конференција како одговор на прашање поврзано со одбивањето на дел од официјалните претставници на државата да го користат уставното име.

-Жалиме што некои лидери во Северна Македонија не го користат уставното име на земјата, како што е предвидено во Договорот од Преспа, кој секој мора верно да го спроведува, истакнала портпаролката.

-Европскиот совет многу јасно стави до знаење што очекува од Северна Македонија, вклучително и во однос на уставните промени што земјата се согласи да ги направи за да продолжи напред на својот пат кон ЕУ, додала таа.

-Северна Македонија треба да ја искористи динамиката добиена за пристапното прашање за да постигне значителен напредок на патот кон ЕУ, заклучила Писонеро.

Додала дека ЕУ очекува од Македонија да ги спроведе уставните измени.

Од Писонеро било побарано да ги коментира зборовите на новиот премиер, Христијан Мицкоски кој пред два дена од Собранието рече: „Да ви појаснам дека ваков бугарски диктат под вакви околности додека сум јас премиер нема да помине и нема да има уставни измени“.

„Мислам дека пораката е многу јасна, Македонија мора да го искористи моментумот кој постои за проширувањето за да продолжи решително кон европскиот пат. Мислам дека сите сте свесни за тоа што ЕУ Советот јасно кажа дека го очекува од Македонија и секако тоа се однесува на уставните амандмани за кои земјата се обврза да ги направи за да може да продолжи по својот ЕУ пат“, рекла портпаролката на ЕК.

Слични содржини