ЕУ испрати помош за Македонија за гаснење на пожарите

од Nikola Popovski
68 прегледи

Механизмот за цивилна заштита на ЕУ беше активиран како одговор на итните барања за помош во борбата против шумските пожари во Македонија и Бугарија.

Според портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и справување со кризи Балаш Ујвари, во Македонија веќе се дојдени на помош еден хеликоптер од Србија, два хеликоптери од Словенија, два авиони и еден хеликоптер од Турција и еден авион на противпожарната флота „RescEU“ за шумски пожари од Хрватска.

Во Бугарија ќе бидат распоредени два хеликоптери од Чешка, од кои едниот е од противпожарната флота на „RescEU“.

Комесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчиќ ја истакна важноста на солидарноста во овие напори.

„ЕУ е обединета во својата поддршка. Нашиот брз одговор преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ е од клучно значење за помагање на локалните напори за борба против овие разорни шумски пожари. Остануваме подготвени да обезбедиме дополнителна поддршка доколку е потребно. Шумските пожари не познаваат граници, а ниту нашата посветеност да помогнеме“, објави тој на платформата „Х“.

Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ продолжува внимателно да ја следи ситуацијата, осигурувајќи дека може брзо да се обезбеди дополнителна помош доколку е потребно.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува најдоцна до задутре ситуацијата да биде ставена под контрола.

Од опозицијата обвинија дека Владата падна на првиот тест – спората реакција во Неготино опустоши 1.000 хектари и во опасност беа 150 куќи.

Во меѓувреме, воведена е целосна забрана за движење во шумите од шест до 20 часот. За непочитување следува казна до 2.000 евра.

Слични содржини