
Разговорите за Брегзит достигнаа ново најниско ниво откако високи претставници на ЕУ соопштија дека ја изгубиле довербата во Борис Џонсон по неговата најава дека ќе го прекрши тешко постигнатиот договор за Северна Ирска.
Неколку минути откако британската влада донесе закон за внатрешна трговија со Северна Ирска со кој се негираат клучните аспекти на разделбата на Велика Британија и Европската унија, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел го осудија потегот на британската влада.
Брисел веднаш побара итна средба со британските власти во врска со контроверзниот закон за царински аранжмани за Северна Ирска, врз основа на кој британските министри можат еднострано да одлучат како да го применат протоколот за Северна Ирска при оданочување на стоки кои пристигнуваат во Велика Британија од Северна Ирска.
„Многу сум загрижена за најавите на британската влада дека имаат намера да го нарушат договорот за разделување“, рече фон дер Лејен. „На тој начин, тоа ќе го наруши меѓународното право и ќе ја наруши довербата“, додаде таа.
Мишел, поранешниот белгиски премиер, ја нарече одлуката на Даунинг стрит „неприфатлива“ и изрази загриженост за иднината на преговорите за Брегзит.
„Договорот за повлекување е склучен и обете страни го ратификуваа и тој мора да се почитува до крај“, рече тој. „Прекршувањето на меѓународните закони не е прифатливо и не создава доверба што мора да ја изградиме“, додаде Мишел.
Се огласи и францускиот министер за надворешни работи Климент Боне, кој го повика Лондон да го почитува договорот. „Пријателите и сојузниците мора да го одржат својот збор и да го почитуваат правото. „Европската унија е посветена на тоа и го очекуваме истото од Велика Британија“, рече тој.
ЕУ постојано инсистираше на тоа дека целосната имплементација на договорот за Брегзит е предуслов за кој било трговски или безбедносен договор што Велика Британија има намера да го постигне со ЕУ по напуштањето на Унијата на 31 декември.