Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир ја пофали Македонија за продолженото усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ до 100% и за, како што вели, нејзиното лидерство и примерот кој го поставува во однос на Украина.
На одбележувањето на 4-годишнината од членството на Македонија во НАТО што го организираше министерот за надворешни работи Бујар Османи, евроамбасадорот увери дека нашата земја ќе биде дел од европското семејство.
-Навистина веруваме дека членството на С. Македонија во ЕУ ќе биде од корист за сите нас. Ја поттикнуваме земјата да се придвижи што е можно побрзо, сакаме да биде дел од ЕУ, врз основа на исполнувањето на обврските што ги презеде во јули 2022 година, по кои следуваше Меѓувладината конференција, скрининг-процесот и имплементацијата на реформите, кажа Гир.
Според него, „вообичаено е да се слушнат гласови на сирени кои велат дека Македонија не може да ѝ пристапи на ЕУ“.
-Дали затоа што ЕУ не ја сака внатре или затоа што не е способна да биде дел од ЕУ – ниту едно од овие тврдења не е точно. Ние сакаме С. Македонија да биде дел од ЕУ, патот е практичен и лесно остварлив, додаде амбасадорот на традиционалниот појадок, заедно со другите членови на дипломатскиот кор во земјава.