Во текот на изминатата недела, Европската Унија дополнително ги засили напорите во борбата со лажните вести кои се поврзани со пандемијата предизвикана од коронавирусот. Во заедничкото соопштение на Европската комисија и Високиот претставник на Унијата за надворешни прашања и безбедносна политика акцентот се става на борбата против дезинформациите поврзани со Ковид-19, како и потребата од правилно разбирање проблематиката.
Документот се заснова на Акциониот план против дезинформации на ЕУ од 2018 година и дополнително ја зајакнува борбата и потребата од координирана акција во справувањето со дезинформациите. Се констатира дека заедничките вредности и демократските институции во рамки на Унијата, вклучително и слободното изразување и слободните и плуралните медиуми, се клуч на отпорноста на општествата пред предизвиците на пандемијата од Ковид-19.
Соопштението, кое се состои од 8 точки, јасно го посочува негативното влијание на лажните вести или „инфодемијата“ врз граѓаните и демократските институции, како и конкретни препораки и активности кои треба да се преземат на овој план. Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) во овој допис го разработува само првиот дел од документот кој е насловен „Клучни предизвици кои произлегуваат од КОВИД-19 инфодемијата и следни чекори за справување“.
Овој официјален документ, во првиот дел содржи и список со примери преку кои сликовито ја прикажува комплексноста на ситуацијата за време на коронакризата кои ги проследуваме во целост:
-
Информациите кои циркулираат вклучуваат опасни измами и погрешни информации за здравствената заштита, со лажни тврдења (на пример, „миењето на рацете не помага“ или „Коронавирусот е опасен само за постарите лица“). Ваквата содржина не е нужно нелегална, но може директно да ги загрози животите и сериозно да ги поткопа напорите да се одржи пандемијата под контрола. Еден одговор е клучните чинители како што се јавните власти, медиумите, новинарите, онлајн платформите, проверувачи на факти и граѓанското општество да ги направат достапни и лесно видливи влијателните содржини поврзани со здравјето. Друга е да се зголеми способноста на граѓаните да ги препознаат и реагираат на ваквите дезинформации. Кога ваквите однесувања се нелегални, треба да се третираат од надлежните органи во согласност со позитивните закони.
• Теории на заговор кои можат да го загрозат човековото здравје, да и наштетат на кохезијата на нашите општества и може да доведат до јавно насилство и да создадат социјални немири (на пример, заговори и митови за 5G мрежи кои го шират КОВИД-19 , или за одредена етничка или верска група која е извор на ширењето на КОВИД-19, како што е загрижувачкиот пораст на антисемитската содржина поврзана со КОВИД-19), налага зајакнување на заложбата на целото општество, вклучително и на надлежни органи, медиуми, новинари, проверувачи на факти, граѓанското општество и онлајн платформи и вклучуваат, на пример, брзо отстранување на грешки, намалување, дури и можно отстранување на кориснички сметки.
• Говорот на омраза (на пример, како резултат на дезинформации за одредена етничка или религиозна група која се обвинува за ширењето на КОВИД-19, како што е загрижувачкиот пораст на расистичките и ксенофобичните содржини поврзани со КОВИД-19) е предмет на правила за преземање на нелегална содржина од страна на платформи и надлежни органи и за постапување од страна на надлежните органи според кривичните закони на земјите-членки, во согласност со Препораката за мерки за ефикасно справување со нелегална онлајн содржина.
• Измама на потрошувачите (на пример продажбата на „производи кои прават чуда“ со неподдржани здравствени тврдења) е нелегална и треба да се постапи против неа од страна на надлежните органи за заштита на потрошувачите и онлајн платформите.
• Сајберкриминалот (како што е хакерство/фишинг користејќи линкови во врска со КОВИД-19 за ширење на малициозен софтвер) налага директно дејствување од страна на законските органи, како и кампањи за подигнување на свеста на граѓаните.
• Странски актери и одредени трети земји, особено Русија и Кина, се вклучија во таргетирани операции за влијание и кампањи за дезинформации во врска со КОВИД-19 во ЕУ, нејзиното соседство и на глобално ниво, со цел да ја поткопаат демократската дебата и да ја влошат социјалната поларизација и да ја подобрат сликата за себе во контекст со КОВИД-19.
Во делот на научените лекции од досегашниот тек на кризата, Комисијата ја истакнува потребата јасно да се направи разлика помеѓу различните форми на лажни или погрешни содржини откриени од „инфодемијата“ и да се преземат соодветни одговори. За таа цел, се наведува во соопштението, прво е важно да се направи разлика помеѓу нелегалната содржина, како што е дефинирани со закон, и содржината што е штетна, но не нелегална. Второ, важно е да се утврди дали има намера да се измами или да се предизвика јавна штета или да се оствари економска придобивка. Кога нема таква намера, како на пример кога граѓаните незнаејќи споделуваат лажни информации со пријателите и семејството со добра намера, таквата содржина може да се смета како мисинформација.
Во првата точка од овој документ се посочува потребата од усогласен одговор од сите делови на општеството, покоординиран и побрз одговор, јасно означувајќи дека здравиот и ефикасен пристап за справување со овие предизвици бара темелно разбирање на проблемот и докази за неговото влијание. Понатаму, според ЕК, потребно е да се продолжи со остварувањето на подобра соработка во рамките на ЕУ и со партнерите ширум светот, како и градење на аналитички капацитет и пристап до платформите на сите институции.
Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) со цел давање на поддршка во целокупниот процес во борбата со лажните вести, како и членството на нашата земја во ЕУ, во неколку делови го разработува заедничкото соопштение и го испраќа до медиумите. Тема на кратка разработка на овој прв текст е воведот на соопштението, како и првата точка насловена „Клучни предизвици кои произлегуваат од КОВИД-19 инфодемијата и следни чекори за справување“. Во текот на следната недела ќе следи разработка и на останатите точки. Целиот сет на документи е официјално достапен на следниот линк: https://ec.europa.eu/commission/presscorner/detail/en/ip_20_1006