ЕУ ќе мора да се соочи со „критичка дискусија и дебата“ по надминување на кризата околу епидемијата од коронавирусот, најави Себастијан Курц.
„Не може да биде дека две недели да сме целосно оставени на самите себе и дека моравме да се бориме со камиони кои стојат на германска граница со однапред платена стока и потребни заштитни маски, а истовремено се критикуваат и нашите контроли на границата со Италија“, рече Канцеларот во интервју за виенскиот весник „Кронен Цајтунг“.
На прашањето дали бил исплашен кога ги сфатил димензиите на кризата, тој рече дека нема време за тоа. „Сè се одвиваше толку брзо“, објасни Курц.
Тој истакна дека воведувањето драстични мерки не е прашање на храброст, туку на неопходност.
„Немаше алтернатива и затоа бевме решителни. Фактот дека во тој момент многу луѓе велеа дека тоа не е ништо друго освен грип и дека тие ја минимизираа опасноста, не ги олеснуваше работите многу. Морам да кажам дека тоа беше силен чин, затоа што имаше многу кои се спротиставуваа, рече Курц, додавајќи дека не сака да каже кој бил против.
Тој исто така рече дека не носи заштитна маска, но и дека подлежи на дневни мерења на температурата на влезот во владата.
Оцени, исто така, дека последиците од оваа криза ќе бидат далеку полоши отколку во 2008 година, затоа што претставува голем товар за економијата.