Европската унија „ќе продолжи да воведува рестриктивни и насочени мерки против режимот“ на претседателот Александар Лукашенко по „маскенбалот“ на претседателските избори во Белорусија, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос оценија дека денешните претседателски избори во Белорусија се „маскенбал“ и дека не се ниту слободни ниту фер.
„Народот на Белорусија има право да одлучи кој ќе управува со нивната земја. Немилосрдната и невидена репресија на човековите права, ограничувањата на политичкото учество и пристапот до независните медиуми во Белорусија, го лишија изборниот процес од секаков легитимитет“, се вели во соопштението.
ЕУ ги повика властите веднаш и безусловно да ги ослободат сите политички затвореници, од кои повеќе од 1.000 се самоволно приведени, вклучително и еден вработен во Делегацијата на ЕУ.
„Одлуката на режимот да ја покани Организацијата за безбедност и соработка во Европа/Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОБСЕ/ОДИХР) на само десет дена пред изборите, го ускрати правото на тоа независно тело пристап до клучните фази од изборниот процес. Ова е уште еден доказ за целосниот недостаток на кредибилитет на изборите“, се вели во соопштението.
Се додава дека поради овие причини, како и поради „вклучувањето на белорускиот режим во руската агресивна војна против Украина и нејзините хибридни напади врз нејзините соседи“, ЕУ ќе продолжи да воведува рестриктивни и насочени мерки против режимот. со финансиска поддршка на граѓанското општество, белоруските демократски институции и „силата во егзил и белоруската култура“.
Додека Белорусија тргнува на демократска транзиција, ЕУ е подготвена да ја поддржи земјата во стабилизирање на нејзината економија и реформирање на нејзините институции, се додава во соопштението.
Демократијата бара слободни, фер и транспарентни избори, одржани во општество каде преовладуваат човековите права, без ограничувања на слободата на собирање или говор, и во кои плуралистичките медиуми можат слободно да работат. Тоа не е случај во Белорусија.
„ЕУ стои покрај белорускиот народ и нашата поддршка во нивната потрага по слободна, демократска, суверена и независна Белорусија, како дел од мирна и просперитетна Европа, е непоколеблива“, велат од Брисел.
Во Белорусија денеска се одржуваат претседателски избори на кои актуелниот претседател Александар Лукашенко најверојатно ќе добие уште еден, седми мандат. Опозицијата во егзил во Белорусија денешните избори ги оцени како фарса.
За време на неговиот шести мандат, белорускиот претседател целосно го потисна сето несогласување по масовните протести во 2020 година.
Западните земји воведоа санкции за белоруските претставници, поради што Лукашенко го забрза своето приближување со Кремљ.